Македонската репрезентација првпат ќе игра на Европско првенство за фудбалери до 21 година, откако го освои првото место во третата квалификациска група по вечерашната победа од 2:0 над Шкотска во Скопје и се пласираше директно на завршниот турнир во Полска следната година.
На „Филип Втори“, Марковски (18’) и Барди (22’) беа стрелци за Македонија, а победата можеше да биде и поубедлива, но Бабунски не реализираше пенал во финишот од првото полувреме.
Голема услуга на тимот на Милевски му направи украинската репрезентација, која победи со 4:2 на гостувањето против Исланд. Пред денешните натпревари од последното коло во квалификациите, Исланд беше првопласиран во групата и со победа против Украинците ќе се пласираше на завршницата во Полска без разлика на резултатот во Скопје.