Маратонецот Дарио Ивановски ја доби наградата „13 Ноември“, што ја доделува Сојузот на спортови на Скопје по повод Денот на ослободувањето на градот. На свеченоста што се одржа во спортскиот центар „Јане Сандански“ беа доделени 10 награди.
Ивановски е еден од најуспешните македонски атлетичари, кој оваа година настапи на маратонот на Олимписките игри во Париз и беше трет на Виз Ер Скопски маратон.
Наградата за најдобар тренер му припадна на Игор Јакимовски, кој работи со Ивановски и е еден од најзаслужните за неговите резултати.
Наградите за животно дело ги добија ракометниот тренер Владимир Радиќ, Ѓоко Хаџиевски, македонска фудбалска легенда и некогашен селектор на фудбалската репрезентација и Ѓорѓи Чадиковски, атлетски тренер.
Останатите добитници на наградата „13 Ноември“ се: Марјан Угриновски – професор во ОУ „Јан Амос Коменски“, Мирјана Крстевска – професорка во СУГС „Димитар Влахов“, Филип Поповски – спортски работник и Влатко Неделковски – декан на Факултетот за физичка култура, спорт и здравје и спортски работник.
Награда доби и „Спортското радио 90.3“ за промоција и развој на спортот во нашата држава.
Наградите „13 Ноември“ се доделуваат од 1970 година.