Директно од скопскиот аеродром, италијанските фудбалери вечерва се појавија на теренот на „Филип Втори“, но место да го одржат вообичаениот тренинг пред утрешниот натпревар (20.45ч.), тие се прошетаа 15-тина минути по тревникот облечени во костуми. Италијанците го откажаа и најавениот затворен тренинг во комплексот на ФФМ во Ново Лисиче.
Италија е огромен фаворит на утрешниот дуел против Македонија во квалификациите за Светското првенство во Русија и не смее да си дозволи кикс во Скопје. Само првопласираниот тим во групата оди директно на завршницата во Русија, а, покрај „аѕурите“ во групата е и Шпанија, со која тимот на Џампјеро Вентура во четвртокот одигра 1:1 на домашен терен.
Македонија загуби на првите два квалификациски натпревари во групата. Првин од Албанија во Скадар со 2:1 и потоа со истиот резултат во Скопје од Израел. Во групата е уште аутсајдерот Лихтенштајн.
Г. МИХАЈЛОВСКИ