Македонската фудбалска репрезентација ќе има нов селектор во плеј-офот за Светското првенство 2026 во САД, Канада и Мексико откако му истече мандатот на Благоја Милевски. Тој денеска и официјално се прости од функцијата.
„Чест ми беше да ја водам репрезентацијата и да бидам дел од овој заеднички труд. Јас и во иднина ќе бидам со репрезентацијата, со внимание, поддршка и почит. Особено сум горд на нашите фудбалери. Нивните енергија, посветеност и упорност ни донесоа победи и резултати кои ќе останат во сеќавање. Тие покажаа што значи да се игра за Македонија и тоа ме исполнува со вистинска гордост“, кажа Милевски.
Откако претходно со успех ја водеше младата репрезентација, Милевски ја презеде А-селекцијата од Игор Ангеловски во септември 2021. Под негово водство Македонија дојде на чекор до СП 2022 во Катар, но изгуби од Португалија во финалето на плеј-офот.



