Американската фудбалска ѕвезда Дамар Хемлин се наоѓа во критична состојба по претрпениот срцев удар за време на натпревар што се играше во ударен термин. Дваесет и четиригодишниот играч на Бафало Билс колабираше откако се судри со противнички играч во првата четвртина од дуелот со Синсинати Бенгалс.
Бафало Билс соопшти дека лекарите успеаја да ја обноват работата на срцето на Хемлин додека му укажуваа прва помош на теренот половина час.
Хемлин беше во дуел со Ти Хигинс, кога неговиот шлем го удри во градите. Хемлин во прв момент успеа да стане, за потоа да падне на грбот. Играчите од двата тима се собраа околу лекарските екипи, а некои од нив беа видно потресени и плачеа.
„Неговите витални функции се вратени во нормала, но е ставен во вештачка кома. Моментално се спроведуваат тестови“, изјави менаџерот на Хемлин, Џордон Руни.
НФЛ мечевите многу ретко се прекинуваат поради повреди на играчите, па коментаторите веднаш заклучија дека ситуацијата е сериозна. По еден час беше донесена одлука за целосен прекин на мечот.
Бафало, кој заедно со Синсинати е меѓу фаворитите за годинашниот Супербоул, го драфтуваше Хемлин во 2021.