Олимпијката Весна Стојановска-Шелнат му се врати на пливањето по подолга пауза и притоа освои еден куп медали на меѓународни натпреварувања.
39-годишната Стојановска-Шелнат, која ја претставуваше Македонија на олимпијадите во 2000 и 2004 година и во меѓувреме се пресели во САД, на Светското првенство во Доха во февруари освои златен медал во нејзината возрасна категорија, за летово да го активира македонскиот пасош и да освои вкупно седум медали, од кои четири златни, на Европското мастерс првенство во Белград во категоријата од 35 до 39 години.
„Во Белград пливав на официјалното Европско првенство, каде што настапуваат повозрасни пливачи во своите старосни категории. Јас пливав во седум дисциплини, на 200, 400 и 800 краул, потоа на 100 и 200 метри пеперутка и во отворени води на 1,5 км и 3 км. Бев прво место на 100 и 200 метри пеперутка, потоа на 200 и 800 метри слободно, додека на 400 метри слободно го освоив второто место. Во трките на 1,5 и 3 километри бев трета. Овие настапи многу ме заморија, не бев најзадоволна со некои постигнувања, но што е тука е, сепак четири златни медали, една сребрена и две бронзени укажуваат дека настапот бил успешен. Бидејќи доаѓав во Европа, логично ми беше да се пријавам за настап од Македонија“, кажа Стојановска-Шелнат во разговор за „Дерби“.
Во САД таа плива и на подолги дистанци, и таму со голем успех.
„Во јуни победив на националното првенство на САД во отворени води: победив во трката која се пливаше на езеро со должина од 10 километри, во апсолутна категорија, значи прво место од сите учесници, и млади и возрасни, и мажи и жени. Имав време од 2 часа и 33 минути. Потоа, на крајот од јули пливав и на трката во Лејк Тахо која се бодува за Ултрамаратон свим серијата“, вели Стојановска-Шелнат.