ОСВОЕНИТЕ 50 МЕДАЛИ ВО СКОПЈЕ СЕ ДОКАЗ ДЕКА ВО ИТАЛИЈА ДОБРО СЕ РАБОТИ СО МЛАДИ СПОРТИСТИ, ВЕЛИ ЕЛИЗА САНТОНИ, ШЕФИЦАТА НА ИТАЛИЈАНСКИОТ ТИМ НА МЛАДИНСКАТА ОЛИМПИЈАДА

    ОСВОЕНИТЕ 50 МЕДАЛИ ВО СКОПЈЕ СЕ ДОКАЗ ДЕКА ВО ИТАЛИЈА ДОБРО СЕ РАБОТИ СО МЛАДИ СПОРТИСТИ, ВЕЛИ ЕЛИЗА САНТОНИ, ШЕФИЦАТА НА ИТАЛИЈАНСКИОТ ТИМ НА МЛАДИНСКАТА ОЛИМПИЈАДАСантони е некогашна репрезентативка на Италија во ритмичка гимнастика, која има освоено сребро и бронза на Олимписки игри (Фото: СДК.МК)

    Италија се издвои како најуспешната репрезентација на Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ), што во изминатата недела се одржуваше во Скопје и Куманово. За Елиза Сантони, која ја предводеше италијанската делегација, тоа е показател дека во Италија добро се работи со младите категории спортисти.

    Сантони (37) е некогашна репрезентативка на Италија во ритмичка гимнастика, која има освоено сребро и бронза на Олимписки игри и пет злата на светски првенства.

    „Ова беше рекордно издание за нашиот тим. Први сме и по бројот на златни медали и по вкупниот број освоени медали, 50, што е невидено достигнување. Нашите спортисти носат дома 19 златни, 19 сребрени и 12 бронзени медали во девет од 12-те спортови во кои се натпреваруваа. За споредба, нашиот тим освои 47 медали на ЕМОФ 2022 во Банска Бистрица и 46 во Марибор во 2023, па можеме да бидеме горди и апсолутно задоволни од перформансите на нашите спортисти и, пред сè, од работата што ја вршиме во нашата земја на младинско ниво“, рече Сантони.

    Италија освои 8 златни медали во пливање на Олимпискот базен во Скопје (Фото: ЕМОФ)

    Ова беше најголемиот спортски настан од ваков вид во Македонија досега. Сантони признава дека имало предизвици, но вели дека се неизбежни кога станува збор за натпреварување од вакви размери.

    „Ова беше настан од извонредни размери, распослан во три града, Скопје, Куманово и Осиек, каде што се одржуваа натпреварите во гимнастика, со задача да пречека повеќе од 4.000 спортисти од 50 држави во текот на цела недела. Тоа беше огромен потфат, особено за Скопје, кој беше домаќин на поголемиот дел од спортовите и мораше да се грижи за сместувањето на спортистите, тренерите и гостите, како и за исхраната, превозот и логистиката. Секако, имаше некои неизбежни логистички предизвици, но Организацискиот комитет секој ден го даваше својот максимум и се посвети на решавањето на секој проблем што се појави. Исто така, би сакала да им упатам посебна благодарност на сите волонтери за тоа што беа тука за нас во секое време од денот. Дел од овој успех им припаѓа и на нив“, кажа Сантони.

    ЕМОФ се одржа во исклучително жешка недела во Македонија, што им создаде дополнителни тешкотии и на организаторите и на учесниците.

    „На тој план немавме многу среќа. Температурите беа тешко подносливи за сите. Спортистите честопати тренираа и се натпреваруваа во многу предизвикувачки временски услови. Организацискиот комитет направи сè што можеше за да го ублажи влијанието на вонредниот топлотен бран што ја погоди земјата, обезбедувајќи мраз и што е можно повеќе вода. На крајот, сите мораа да се прилагодат, сите бевме во иста ситуација“, вели Сантони.

    Италијанските одбојкарки изгубија во финалето од Турција (Фото: ЕМОФ)

    ЕМОФ е своевидна отскочна штица за младите таленти кон една поголема спортска сцена и можна врвна кариера. Сантони смета дека бројните освоени медали се доказ дека перспективата на италијанскиот спорт е светла.

    „Овој настан сигурно претстави многу талентирани млади спортисти, но сите знаеме дека самиот талент не ги прави шампиони. Потребни се посветеност, решителност, напорна работа и вистински можности. Медалите освоени овде се доказ дека нашиот систем за развој на млади спортисти функционира и ги подготвува за утрешнината на најдобар можен начин. Многумина спортисти кои некогаш учествувале на ЕМОФ станаа олимпијци, некои и освоија олимписки медали. Мојата желба за овие млади спортисти е да ја одржат својата страст жива, да продолжат да работат напорно и еден ден да се најдат на најголемите сцени, претворајќи ги денешните соништа во утрешни достигнувања“, порача шефицата на италијанската делегација.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира