ПЛАНИНАРИ ОД ВЕЛЕС, БИТОЛА, КАВАДАРЦИ И КУМАНОВО ЌЕ ГО ОСВОЈУВААТ АРАРАТ ВИСОК 5.137 МЕТРИ, ВО ЕКСПЕДИЦИЈАТА Е И 68-ГОДИШНАТА САРА САРЕВА ОД СКОПЈE

    ПЛАНИНАРИ ОД ВЕЛЕС, БИТОЛА, КАВАДАРЦИ И КУМАНОВО ЌЕ ГО ОСВОЈУВААТ АРАРАТ ВИСОК 5.137 МЕТРИ, ВО ЕКСПЕДИЦИЈАТА Е И 68-ГОДИШНАТА САРА САРЕВА ОД СКОПЈEСара Сарева член на ПД „Бистра“ од Скопје ги искачила сите највисоки врвови на Балканот, вклучувајќи го и Триглав , а сега се подготвува за освојување и на највисокиот врв на Блискиот Исток Арарат (архивска фотографија)

    Мешовита македонска планинарска експедиција составена од искусни планинари од Велес, Битола, Кавадарци, Куманово и Скопје ова лето ќе го освојува Арарат, од страна на Турција, висок 5.137 метри.

    Дел од деветчлената експедиција ќе биде и 68-годишната планинарка од Скопје, Сара Сарева која зад себе има долгогодишно планинарско искуство низ Балканот, но искачувањето на Арарат во Азија ќе и биде прво.

    „Започнав со планинарење пред повеќе од две децении кога имав сериозни здравствени проблеми со кичмата и бев пред операција. Кога прочитав еден лекарски совет да почнам да пешачам и тоа со планинарење јас ја избегнав операцијата и досега немам никакви здравствени проблеми. Планинарењето буквално ме крена од кревет“, вели Сара.

    Водач на експедицијата е искусниот планинар Тодор Георгиев од Велес, претседател на клубот за планинарски спортови „ Азот“ од Велес.

    „Авионските билети до Истанбул и до последниот град во Анадолија пред Арарат веќе се извадени и нашиот поход кон највисокиот врв во овој дел на Азија ќе започне првите денови од август, а дотогаш сите поединечно ќе имаме засилени подготовки по македонските врвови“, вели Георгиев по чии стапки тргнале неговата 14-годишна ќерка Нена, која првпат на седум години се искачила на Солунска глава и неговиот 11-годишен син Матео, кој на 4-годишна возраст се искачил на Солунска глава и на Вихрен, а во 2019 година го освоил и највисокиот врв на Балканот Мусала (3.925м).

    Според искусниот велешки планинар, кому ова ќе му биде трето искачување на Арарат, се планира походот да трае 4 дена.

    „Стартот ќе ни биде на 1.000 метри каде е првиот базен камп. Понатаму на секои 1.000 метри има нови базни станици за да последната е на 4.200 метри. Оттаму не очекуваат нови 1.000 метри до врвот Арарат. Јас сум уверен дека таму ќе бидеме сите од нашата експедиција која е на возраст од 25 до 50 години претежно, а само двајца планинари се со иста возраст од 68 години меѓу кои е и единствената жена Сара Сарева од Скопје“ вели Георгиев.

    Според Сарева и водачот Георгиев, успехот во кој се уверени ќе биде уште поголем затоа што за Арарат се заминува на почетокот на август кога за овој планински масив најмногу се поволни временските услови, иако кога ќе пристигнат во Анадолија температурата ќе биде плус 30 степени, а на врвот на Арарат може да ги очекува и снег и минусни температури од 20 степени што значи дека температурната амплитуда е прилично голема, дури 50 степени со каква разлика повеќе од нив неколку пати досега се соочиле и успевале да го победат и времето.

    Сара Сарева досега ги освоила сите македонски врвови по 30-40 пати вклучувајќи ги и највисоките како што се врвот на Кораб, Корапските водопади од другата страна на планината, потоа Љуботен, па врвовите на Пелистер, Солунска глава , Титов врв, па врвовите во соседните земји Мусала, Вихрен која го освоила 21 пат, Олимп 13 пати и врвот Триглав во Словенија двапати.

    Сепак, 68-годишната Сара Сарева нема да биде највозрасната Македонка која го освоила Арарат, затоа што според водичот Георгиев во ланската експедиција што исто така тој ја предводел тој примат го освоила планинарката Мира Симоновска од Пробиштип на свои 70 години. Но, и Сара Сарева по раѓање потекнува од пробиштипскиот крај.

    Прва жена планинарка од Македонија која се искачила на Арарат била Катица Борисовска која тоа го сторила во 2006 година, а алпинистот Живко Темелковски од 2008 година досега на Арарат се искачил дури 9 пати.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира