ПОЧИНА БОРИС СПАСКИ, СЛАВНИОТ РУСКИ ШАХИСТ КОЈ ИЗГУБИ ОД ФИШЕР ВО „МЕЧОТ НА ВЕКОТ“

    ПОЧИНА БОРИС СПАСКИ, СЛАВНИОТ РУСКИ ШАХИСТ КОЈ ИЗГУБИ ОД ФИШЕР ВО „МЕЧОТ НА ВЕКОТ“Спаски (лево) и Фишер се сретнаа на врвот на Студената војна во 1972 (Фото: АП)

    На 88 години почина Борис Спаски, легендарниот руски шахист кој изгуби од Боби Фишер во „мечот на векот“, што се одигра на врвот на Студената војна во 1972. Смртта на некогашното чудо од дете ја потврди Меѓународната шаховска федерација.

    „Спаски е еден од најголемите шахисти на сите времиња, кој остави неизбришлива трага на играта“, соопшти Федерацијата.

    Дуелот од 1972 во Рејкјавик се пренесуваше на телевизија и стана светска сензација, добивајќи го името „меч на векот“. Тогаш 29-годишниот Фишер го победи Спаски и стана првиот светски шаховски првак од САД. Фишер подоцна ја изгуби титулата откако одби повторно да игра со Спаски.

    По поразот од Фишер, Спаски доби ладен пречек во Советскиот Сојуз, каде што станал национално разочарување. Не му било дозволено да ја напушти земјата и му се распаднал бракот. Емигрирал во Франција во 1976, а во Русија се вратил дури во 2012.

    Роден во Ленинград во 1937, Спаски научил да игра шах на пет години, а на 18 години станал јуниорски светски првак и најмладиот велемајстор во историјата во тоа време. Откако едно време бил во сенка на Михаил Таљ, во 1961 го освоил првенството на СССР и осум години подоцна го победи сонародникот Тигран Петросјан во мечот за светска титула. Ја држеше само три години, до мечот со Фишер, што му ја обележа кариерата.

    Неофицијален реванш со Фишер имаше дури во 1992, кога играа во Југославија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира