ПРОПАДНА ХУМАНИТАРНАТА АКЦИЈА „ШАМПИОНИТЕ ЗА ВАС“, ЛИЧНИТЕ ПРЕДМЕТИ ОД СПОРТИСТИТЕ ЌЕ СЕ ПРОДАВААТ ЕЛЕКТРОНСКИ

    ПРОПАДНА ХУМАНИТАРНАТА АКЦИЈА „ШАМПИОНИТЕ ЗА ВАС“, ЛИЧНИТЕ ПРЕДМЕТИ ОД СПОРТИСТИТЕ ЌЕ СЕ ПРОДАВААТ ЕЛЕКТРОНСКИСо проектот „Здраво шампиони“ здружението „Проект среќа“ обезбеди опрема и членарина за 340 деца во социјален ризик, кои од септември ќе можат да се занимаваат со спорт. - Кошаркарката Едина Муса кажа дека донирала повеќе предмети, меѓу кои и првата награда гумен баскет што го добила во 2003 година за најдобар кошаркар на Македонија (Фото: СДК.МК)

    Личните предмети кои ги донираа спортистите Перо Антиќ и Едина Муса, ракометарите Дејан Манасков, Филип Миркуловски и Филип Кузмановски, рели возачот Игор Стефановски – Иџе и каратистите Дејан Недев и Аљоша Недев на хуманитарната акција „Шампионите за вас“, кој вчера се одржа во рамки на проектот „Здраво шампиони“ во реализација на здружението „Проект Среќа“ ќе се продаваат на онлајн аукција.

    Дресовите, златните медали, наградите и топките што ги подарија македонските спортисти, требаше вчера да се продаваат на аукција за време на настанот за дружење со нив. Аукцијата не се одржа поради слабата посетност, а аукцијата како што велат организаторите сепак ќе се одржи преку нивната Фејсбук страна https://www.facebook.com/proektsreka/.

    Со оваа аукција треба да се обезбедат дополнителни средства за набавка на опрема и покривање членарина за децата кои се во социјален ризик.

    Пејачката Кристина Арнаудова, од здружението „Проект среќа“, вели дека проектот го работат повеќе месеци и дека идејата е да им се помогне на децата од оние средини каде имаат помалку пристап до спортски клубови и до спортување. Таа кажа дека преку Фејсбук профилот на здружението се пријавиле 340 деца, кои сите од септември ќе добијат спортска опрема и платена членарина за да можат да почнат да се занимаваат со спорт, без оглед дали тоа е кошарка, фудбал, карате или друг спорт.

    „Проектот е обемен и немаше да може да го реализираме без помош од Агенцијата за млади и спорт. Особено е наменето за децата од руралните средини, кои имаат помалку пристап да спортуваат отколку децата од урбаните средини. Без оглед на тоа колку луѓе ќе дојдат денес поважно е да се дружиме и да го прославиме завршувањето на проектот, бидејќи го работиме подолго време, обезбедивме спонзори истите 340 деца што се пријавија преку училиштата, спортските клубови, институциите ќе добијат и опрема и платена членарина“, рече Арнаудова.

    Спортистите вчера потпишуваа топки, а средствата од нивната продажба исто така ќе одат во донаторската каса. – Ракометарите Дејан Манасков и Филип Миркуловски (Фото: СДК.МК)

    Кошаркарката Едина Муса кажа дека ѝ е чест што може да учествува во оваа хуманитарна акција и дека подарила повеќе лични предмети.
    „Меѓу нив е и мојата прва награда за најдобар кошаркар што ја добив во 2003 година. Тоа е едно гумено баскетче, кое тогаш го добив, бидејќи пехари тогаш не даваа, но тоа ми е една од најомилените награди и решив да ја дадам за овој хуман настан. Искрено се надевам дека ова ќе биде успешен настанот“, рече Муса.

    Организаторите на настанот велат дека гостите донираа најмалку по 100 денари за да учествуваат на настанот, а спортистите потпишуваа топки, и средствата од нивната продажба ќе влезе во донаторската каса.
    „Проект Среќа соработува со основните и средните училишта и установите кои згрижуваат деца. Успехот на овој проект се должи и на големата поддршка од спонзорите и партнерите, и главниот покровител Агенција за млади и спорт на Република Македонија“, велат од здружението.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира