Македонската ракометна репрезентација имаше победнички старт на Европското првенство во Хрватска, откако во Загреб ја совлада селекцијата на Словенија со 25:24, па иако ова е само прво коло, овие бодови би можеле да се покажат клучни за пласман во вториот круг.
Избраниците на Раул Гонсалес слабо и деконцентрирано го отворија натпреварот, за што придонесе и одличниот словенечки голман Матавж Скок, но од финишот на првото полувреме почна вистинската битка на теренот, кога прво успеавме да анулираме негатива од три гола.
Во нов развој на настаните, Македонија поведе со четири гола на стартот на вториот дел, но мечот, сепак, се решаваше во последните моменти.
Словенците беа тие кои психолошки попуштија во финишот на средбата, па не успеаја да ги искористат своите последни четири напади.
Следниот меч Македонија го игра в понеделник, против Црна Гора, од 20.30 часот.