Алкалоид стана освојувач на Европскиот куп откако Европската ракометна федерација (ЕХФ) го регистрираше неодиграниот финален меч со АЕК во Скопје со службена победа од 10:0 за македонскиот тим. На ЕХФ ѝ требаа повеќе од десет дена да донесе одлука за мечот во арената „Борис Трајковски“, што грчката екипа одби да го игра, наводно под притисок од своите навивачи.
„Ракометниот суд на ЕХФ донесе одлука да го регистрира вториот меч од финалето на Европскиот куп помеѓу Алкалоид и АЕК со 10:0. Првата средба заврши со победа на Алкалоид од 29:25, со што Алкалоид е освојувач на Европскиот куп за сезоната 2024/25. Секоја жалба на овие одлуки нема да има суспензивно дејство“, објави ЕХФ денеска.
Алкалоид, клуб формиран пред само четири години, со тоа му го донесе петтиот европски трофеј на македонскиот клупски ракомет: Кометал Ѓорче Петров ги освои Лигата на шампионите и Европскиот Суперкуп во 2002, а Вардар беше европски првак во 2017 и 2019.
На патот до титулата, Алкалоид забележа само еден пораз на 12 натпревари, против норвешки Рунар во полуфиналето.
Реваншот од финалето на Европскиот куп на 25 мај не се одигра откако ракометарите на АЕК одбија да излезат на терен под закана од своите навивачи. Тие одбиле да играат зашто не било дозволено во салата да влезат оние грчки навивачи кои немале билет за натпреварот, иако претходно беше објавено дека за навивачите на АЕК се предвидени само 200 билети од безбедносни причини.