Италијанските одбојкарки го освоија сребрениот медал на неодамнешниот Европски младински олимписки фестивал (ЕМОФ) во Скопје. Дел од овој тим беше и Стела Карузо, која ја продолжува лозата на успешното спортско семејство Буфон.
Стела е ќерка на некогашната италијанска одбојкарска репрезентативка Гвендалина Буфон, која, пак, е сестра на Џанлуиџи Буфон, еден од најдобрите фудбалски голмани на сите времиња.
„Ќерка ми е се уште многу млада, има уште многу да работи, има долг пат пред себе. На таа возраст многу е важно да си скромен и да работиш на себе секој ден. Да работиш скромно, без да бараш многу од иднината и од ден за ден да ја користиш секоја добра прилика што ти се дава, без да имаш големи очекувања, па на крајот на патот да го земеш најдоброто што можеш да го земеш“, рече 52-годишната Гвендалина Буфон, која ја сретнавме на трибините на арената „Борис Трајковски“.
Гвендалина Буфон во 1990-тите била дел од италијанската одбојкарска репрезентација и играла на Светското првенство во Бразил во 1994. Нејзината сестра Вероника исто така е поранешна одбојкарка, нивната мајка Марија била фрлач на диск, а татко им Адријано кревач на тегови.
Седумнаесетгодишната Стела е третата генерација спортисти во фамилијата, чиј најславен член е Џиџи Буфон, легендарниот голман на Јувентус, кој беше светски шампион со Италија во 2006.
„Брат ми ме исполнува со голема гордост. Тој е голем шампион, но и голем човек, хуман, добар, достапен, кој секогаш им помага на другите. Една многу убава работа е што кога се наоѓам во странство се чувствувам како да сум дома затоа што сите го ценат, нешто што секако не го земам здраво за готово“, кажа Гвендолина Буфон.
Н. МИХАЈЛОВСКИ