Германскиот фудбалски клуб Шалке кажа дека ќе го отстрани логото на „Гаспром“ од своите дресови како резултат на руската инвазија на Украина. Руската компанија беше спонзор на клубот од Гелзенкирхен од 2007 година.
„На местото на логото на спонзорот, играчите ќе го носат името на клубот на дресовите. Одлуката беше донесена по разговорите со германската подружница на ‘Гаспром‘“, соопшти германскиот второлигаш.
Истовремено беше кажано дека Матијас Варниг, кој е претставник на „Гаспром“ во управниот одбор на клубот, ќе се повлече од својата позиција. Варниг е извршен директор на холдинг компанијата за гасоводот Северен тек 2, чие одобрување беше откажано од германската влада оваа недела.
Компанијата и Варниг се најдоа под американските санкции воведени откако Русија ја призна независноста на отцепените региони во источна Украина.