ШАМПИОНИ СМЕ, А НЕМАМЕ УСЛОВИ ЗА ТРЕНИРАЊЕ И САМИ СИ ПЛАЌАМЕ ЗА НАТПРЕВАРИ, ВЕЛАТ СПОРТИСТИТЕ СО ХЕНДИКЕП

    ШАМПИОНИ СМЕ, А НЕМАМЕ УСЛОВИ ЗА ТРЕНИРАЊЕ И САМИ СИ ПЛАЌАМЕ ЗА НАТПРЕВАРИ, ВЕЛАТ СПОРТИСТИТЕ СО ХЕНДИКЕПЗоран Јовановски од струмичкото село Ангелци, државен првак на Македонија во повеќебој, вели дека во Македонија многу малку се инвестира во спортистите со хендикеп, а уште помалку во условите иако во речиси сите здруженија има млади момчиња и девојчиња кои сакаат да бидат дел од некое спортско натпреварување (Фото: СДК.МК)

    Државата треба најде соодветни модели и решенија за да ги подобри условите за спортување на лицата со хендикеп. На тој начин, телесно инвалидизираните лица нема да се чуствуваат отфрлени од општеството, а со правилно насочување можни се резултати и промоција на Македонија на меѓународната спортска сцена.

    Зоран Јовановски од струмичкото село Ангелци, државен првак на Македонија во повеќебој, спортска дисциплина составена од фрлање ѓуле, диск и копје, вели дека  во Македонија многу малку се инвестира во спортистите со хендикеп, а уште помалку во условите иако во речиси сите здруженија има млади момчиња и девојчиња кои сакаат да бидат дел од некое спортско натпреварување.

    „Државата ќе мора да обрне поголемо внимание, десетина спортисти сме кои со години сме државни прваци но никако не добиваме можност да се исполниме некоја норма бидејќи нема натпревари“, вели Јовановски; – од учеството на турнир во Србија (Фото: приватна архива)

    „Немам редовни тренинзи бидејќи немам услови. Тренирам кога има некое натпреварување. Речиси никаде нема соодветни услови за тренинг и одржување натпревари, а камоли да имаме професионални тренери. Државата не води грижа за лицата за инвалидитет кога станува збор за спортот. Дури понекогаш плаќаме од свои џебови за да бидеме на државни првенства, оти ни покриваат само гориво и ни даваат дневница од 200 денари“, вели Јовановски.

    Јовановски веќе десет години е државен првак во повеќебој. Меѓу првите најдобри сениори во пинг-понг но секогаш жали за трките со колички, спортска дисциплина која е укината во земјава оти нема интерес кај лицата со хендикеп зашто количките за таа намена се скапи. Честопати тој  од свој џеб ги плаќа и патувањата и трошоците за учество на спортските турнири во поранешна Југославија и секогаш доаѓа разочаран, бидејќи во Словенија, Хрватска па и Србија доста се вложува за спортувањето на лицата со хендикеп наспроти во Македонија.

    „Во Словенија многу се инвестира во спортистите со хендикеп и преку здруженијата максимално им се помага. Таму се посветува внимание дури и за колективни игри со колички во кошарка, одбојка.  Ние овде може само да сонуваме. Колегата Новче Тодоровски од Куманово цели 30 години е првак во стрелаштво со  пушка, но никогаш не бил на некое големо натпреварување надвор од Македонија. Стрела со пушка од 200 евра, а замислете да му се набави професионална. Државата ќе мора да обрне поголемо внимание. Десетина спортисти сме кои со години сме државни прваци но никако не добиваме можност да се исполниме некоја норма бидејќи нема натпревари“, вели Јовановски кој најголема поддршка добива од Националниот сојуз „Мобилност“.

     ВТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира