Македонскиот прволигаш Шкупи доби атрактивен противник на своето деби во европските клупски фудбалски натпреварувања и ќе се сретне со шкотскиот гигант Ренџерс во првото коло од квалификациите за Лига Европа.
Шкупи, кој заврши на четвртото место во домашното првенство минатата сезона, ќе гостува на легендарниот стадион „Ајброкс“ на 12 јули, а реваншот е една недела подоцна во Скопје.
Во истите термини, Работнички ќе има двомеч со славниот унгарски клуб Хонвед, а Вардар го доби ерменски Пјуник.
Дуелот со Шкупи ќе биде и тренерско деби за иконата на Ливерпул и на англискиот фудбал Стивен Џерард, кој и официјално ја презеде екипата на 1 јуни.
Ренџерс е еден од најтрофејните клубови на светот, со 54 шампионски титули, но во 2012 година беше принуден да тргне од дното, откако банкротираше и беше префрлен во најнизок ранг на натпреварување. Во шкотската Премиерлига, повторно заигра во сезоната 2016/17.