Американската суперѕвезда Шон Вајт стана првиот сноубордер во историјата кој освоил три олимписки злата, откако сензационално триумфираше во дисциплината халфпајп.
Се чинеше дека тој ќе ја загуби титулата од Јапонецот Ајуму Хирами, кој заработи 95,25 поени во втората серија, но Вајт возврати во третата со изведба која му донесе 97,75 поени.
„Не можам да опишам колку сум среќен. Поминав низ толку многу за да стигнам до тука“, изјави популарниот Летечки Домат.
Тој имаше два тешки пада во подготовките за Зимските олимписки игри во Пјонгчанг, при што повреди рамо и доби 62 шевови на лицето.
Вајт испиша историја и со тоа што на САД им го донесе вкупно 100. злато од зимските олимпијади. На првото место на вечната листа е Норвешка со 121 злато досега.
Вајт претходно беше олимписки првак и во 2006 и 2010 година, додека во Сочи остана без медал. Тој за две години планира да настапи на Летните олимписки игри во Токио, кога во програмата ќе дебитира скејтбординг.