СКОПСКИОТ МАРАТОН ОВАА ГОДИНА СО УШТЕ ПОГОЛЕМА ПОДДРШКА ОД ДЕЛЕГАЦИЈАТА НА ЕВРОПСКА УНИЈА

    СКОПСКИОТ МАРАТОН ОВАА ГОДИНА СО УШТЕ ПОГОЛЕМА ПОДДРШКА ОД ДЕЛЕГАЦИЈАТА НА ЕВРОПСКА УНИЈАПријавувањето за учество завршува на 22 април (Фото: СДК.МК)

    Виз ер Скопски маратон најави едно ново повисоко ниво на манифестацијата, подготвувајќи се да го одбележи својот 15-годишен јубилеј. Еден од најпопуларните спортски настани во Македонија, кој за првпат ќе се одржи во сабота, на 4 мај, добива уште поголема поддршка од Делегацијата на Европска Унија, која ќе биде покровител на штафетниот маратон.

    „Ова е нашиот 15-годишен јубилеј и секоја година се трудиме да внесуваме новости. Сакаме константно да се надградуваме. Оваа година, благодарение на поддршката од Делегацијата на Европска Унија, се организираат и бесплатни групни тренинзи, кои почнаа на 28 март. Унијата е и покровител на ‘Штафетниот маратон – ЕУ за спорт’, кој оваа година има прекрасни нови медали. Честиот развој ни дозволува да останеме релевантни во регионот и пошироко и затоа и се пријавуваат толку многу учесници од други држави“, рече Кире Синадиновски, директор на Виз Ер Скопски маратон.

    Тој додаде дека патеката е измерена од претставници на Меѓународната атлетска федерација и на Светската асоцијација на маратонски трки, со што Скопски маратон го обнови сертификатот за точност на патеката.

    Виз ер Скопски маратон и оваа година ќе ги содржи трката на пет километри, полумаратонот, маратонот и штафетниот маратон. Пријавувањето за учество завршува на 22 април, а стартните пакети ќе можат да се подигнат на 2 и 3 мај во просториите на „Парк хотел и спа“.

    Минатата година, околу 10.000 учесници од 51 држава настапија на Скопски маратон.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира