Канадскиот сноубордер Марк Мекморис ја победи смртта за денеска да стигне до бронзен медал на Зимските олимписки игри во Пјонгчанг.
Дваесет и четиригодишниот Мекморис освои четири злата на Екс-игрите во Аспен и беше трет на последната Олимпијада во Сочи, кога неговата блескава кариера беше прекината од тешка несреќа во Вистлер во март минатата година.
Обидувајќи се да изведе тежок елемент, Мекморис удри во дрво, при што претрпи повеќекратни повреди, вклучувајќи 17 скршеници, пробиено белодробно крило и пукната слезена. На спасувачките и медицинските екипи им требале час и половина да го пронајдат, пред да му биде укажана прва помош. Поради сериозноста на повредите, тој беше ставен во состојба на вештачка кома, по што уследија неколку месеци заздравување.
Тој се врати на патеките уште во октомври и веднаш победи во Светскиот куп, што му го донесе прекарот Нескршливиот. Круната на неговиот камбек беше новата олимписка бронза во дисциплината спуст.
„Не сакам да размислувам за она што се случи. Мене ми е мило што можам повторно да бордам. Очигледно е дека го сакам овој спорт повеќе од што било“, изјави Мекморис.