Милјана Рељиќ се пласираше во четвртфиналето на олимпискиот турнир во теквондо во Париз откако на стартот на натпреварувањата ја совлада двократната олимписка шампионка Џејда Џонс од Велика Британија. Во следната рунда, Рељиќ ќе се бори против Либанката Летиција Аун, што е на програмата од 15:45 часот.
Рељиќ, која настапува во категоријата до 57 килограми, имаше тешка ждрепка на стартот, која ја спои со искусната Британка Џонс, олимписка првенка од Лондон во 2012 и четири години подоцна во Рио де Жанеиро, како и светска шампионка од 2019. И покрај тоа, 21-годишната Рељиќ успеа да слави со 2:1 во рунди и да се пласира понатаму.
Рељиќ ја доби првата, Џонс втората рунда, па откако решавачката трета рунда заврши 1:1, судиите ѝ ја доделија победата на Македонката врз основа на повеќе регистрирани удари.