Тренерот на Вардар Гоце Седлоски утринава поднесе оставка, само два дена пред дуелот од плејофот на Лига Европа против Фенербахче во Скопје, соопшти фудбалскиот клуб. Во изјавата на Седлоски на клупскиот веб сајт, тој вели дека си заминува за доброто на сите во клубот и размислувал да поднесе оставка уште по поразот од Копенхаген, но ја донел одлуката по поразот од Шкендија во неделата.
„Јас, Гоце Седлоски денес донесов одлука да си поднесам оставка од местото шеф на стручен штаб на ФК Вардар, за доброто на сите во клубот. Ова размислував да го направам уште после вториот натпревар со ФК Копенхаген кој што го загубивме. Сепак, успеав да соберам сили и да го започнам македонското првенство. После загубениот натпревар со Шкендија, овие два дена размислував добро и денеска ја донесов оваа одлука. Тие два порази ме погодија многу бидејќи јас како човек не сум навикнат да губам, но и фудбалскиот клуб Вардар не е навикнат на порази“, вели Седлоски.
Пред четири дена, заминување од Вардар најави и сопственикот Сергеј Самсоненко, кој најави дека ќе инвестира во двата ракометни и фудбалскиот клуб до крајот на сезоната и потоа ќе ги врати на поранешните сопственици.