Претседателот на Италијанската теквондо федерација Анџело Чито жестоко ги критикуваше условите во кои се натпреваруваа учесниците на Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ) во Скопје, велејќи дека не очекувал такво нешто во 2025 година. И покрај тоа, италијанските теквондисти освоија три медали на натпреварите што се одржуваа на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.
„Децата овојпат уште повеќе ја заслужуваат мојата пофалба, не само за постигнатите резултати, туку и за пожртвуваниот дух што го покажаа во едно сценарио во кое никогаш не би можел да ги замислам. Беа одлични, и покрај тоа што се натпреваруваа во услови за кои најмалку што можам да кажам е дека беа срамни од организациска гледна точка. Како може да се дозволи ова во денешно време ми е необјасниво“, изјави Чито за италијанската новинска агенција „АНСА“.
Како негативни примери тој истакна објекти во распаѓање, прекинати натпревари и едвај прифатливи хигиенски услови.
„На температура од речиси 50 степени снема струја, па беше невозможно повторно да се вклучи климата. Верувајте, никогаш не би помислил дека би доживеале вакво искуство во 2025. Неприфатливо е деца да се натпреваруваат во такви услови. Можам само да ги пофалам, не само нашите, туку сите спортисти за професионалноста и пожртвуваноста на теренот“, кажа Чито.
По среброто на Дејан Георгиевски на Олимписките игри во Токио во 2020 и солидниот настап на Милијана Рељиќ на Олимпијадата во Париз лани, македонското теквондо продолжи со одличното претставување и на ЕМОФ. Македонската репрезентација ја претставуваа тројца теквондисти, а најдобар резултат оствари Душица Бресалиева, која помина две кола, за потоа да изгуби во борбата за медал.