Во Колумбија е во тек голема потрага по таткото на напаѓачот на Ливерпул. Луис Дијас, при што властите понудија награда од 50.000 долари за информација која би довела до негово спасување. Повеќе од 120 војници заедно со полицијата трагаат по Луис Мануел Дијас во северна Колумбија, по информациите дека тој и неговата сопруга биле киднапирани од вооружени луѓе.
Мајката на фудбалерот, Силенис Маруланда, во меѓувреме беше пронајдена во градот Баранкас.
Армијата кажа дека поставила блокади на патишта и ангажирала два моторизирани вода, беспилотно летало, хеликоптери и авион со радар.
Колумбиските власти не објавија детали за киднапирањето, додека локалните медиуми објавија дека родителите на Дијас биле пресретнати од вооружени мажи на мотоцикли на бензинска пумпа во Баранкас.
„Распоредени се сите државни сили за да се најде таткото на Дијас“, изјави претседателот на Колумбија, Густаво Петро.
Јавниот обвинител Франсиско Барбоса кажа дека постои можност дека Мануел Дијас бил одведен во Венецуела, што би барало интервенција од Петро.