Над 4.000 спортисти од 50 европски земји денеска ги започнуваат настапите на летното издание на Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ), чии домаќини се Скопје, Куманово и хрватскиот град Осиек, каде што ќе се одржуваат само натпреварите во гимнастика. Свеченото отворање на манифестацијата се одржа синоќа во салата „Јане Сандански“ во Скопје.
ЕМОФ обединува спортисти на возраст од 14 до 18 години, кои на овој начин имаат можност да го почувствуваат олимпискиот дух и да се подготват за идни натпреварувања и успеси. Тие ќе се натпреваруваат во 15 спортови: атлетика, пливање, гимнастика, џудо, велосипедизам, планински велосипедизам, ракомет, одбојка, баскет 3х3, бадминтон, стрелаштво, кајак, теквондо и пинг-понг. Влезот за сите настани ќе биде слободен.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го прогласи фестивалот за отворен и рече дека организацијата на ваков реномиран меѓународен спортски настан претставува голема чест за државата.
„Голема е честа да се биде домаќин на Летниот европски младински олимписки фестивал, на кој се собраа околу 4.000 спортисти кои ja манифестираат убавата страна на сегашноста и ја гарантираат светлата иднина на европскиот и светскиот спорт. Посакувам да ја оправдаме укажаната доверба. Олимпискиот фестивал е ретка можност за учесниците и за гостите да остварат непосредна средба со македонската култура“, рече Сиљановска-Давкова.