117 ДРОНОВИ ПРОКРИУМЧАРЕНИ ВО РУСИЈА И ЛАНСИРАНИ ОД ТАМУ ПРЕДИЗВИКАЛЕ ШТЕТА ОД СЕДУМ МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ, КАЖА УКРАИНА ЗА ВЧЕРАШНИОТ ГОЛЕМ НАПАД ВРЗ РУСКИ ВОЗДУШНИ БАЗИ ВО ОПЕРАЦИЈАТА „ПАЈАЖИНА“

    117 ДРОНОВИ ПРОКРИУМЧАРЕНИ ВО РУСИЈА И ЛАНСИРАНИ ОД ТАМУ ПРЕДИЗВИКАЛЕ ШТЕТА ОД СЕДУМ МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ, КАЖА УКРАИНА ЗА ВЧЕРАШНИОТ ГОЛЕМ НАПАД ВРЗ РУСКИ ВОЗДУШНИ БАЗИ ВО ОПЕРАЦИЈАТА „ПАЈАЖИНА“Зеленски му честиташе на шефот на СБУ, Валери Малиук, за „брилијантните резултати на акцијата“ (Фото: АП)

    Украина потврди дека го извела вчерашниот голем воздушен напад врз руски воздушни бази, користејќи дронови кои биле прокриумчарени во Русија, по што биле лансирани од камиони во операцијата „Пајажина“, подготвувана една и пол година. Во нападот биле уништени или оштетени 40 руски борбени авиони во четири бази.

    Претседателот Володимир Зеленски објави дека во акцијата организирана од Украинската безбедносна служба (СБУ) биле употребени 117 дронови, при што биле погодени „34% од руските стратешки носачи на крстосувачки ракети“. Русија потврди дека имало напади во пет региони, опишувајќи ги како терористички чин.

    Ова се случи ден пред втората рунда мировни разговори помеѓу Русија и Украина во Истанбул, кои треба да почнат во 13 часот по локално време.

    СБУ кажа дека дроновите биле скриени во подвижни дрвени кабини со далечински управувани покриви, при што камионите биле паркирани близу воздушните бази. Зеленски му честиташе на шефот на СБУ, Валери Малиук, за „брилијантните резултати на акцијата“, додавајќи дека секој дрон бил управуван од посебен пилот.

    Најинтересната работа, што веќе можеме да го кажеме јавно, е што канцеларијата на операцијата беше на руска територија, во непосредна близина на седиштето на руската Федерална безбедносна служба во еден од регионите. Сите луѓе кои учествувале во акцијата се одведени на безбедно пред да почнат нападите“, кажа Зеленски.

    СБУ процени дека нападите направиле штета од околу седум милијарди долари, ветувајќи дека наскоро ќе бидат објавени повеќе детали.

    Во нападот биле погодени четири бази, од кои две се оддалечени илјадници километри од Украина: Белаја во сибирската област Иркутск, Олења во Мурманск на крајниот североисток на земјата, Дјагилево во централната област Рјазан и Иваново во истоимената централна област. Извори од СБУ кажаа дека меѓу погодените авиони се стратешките бомбардери „ту-95“ и „ту-23М3“, како и авиони „А-50“ за рано предупредување.

    Ова беше исклучително сложена логистичка операција. СБУ прво внесе дронови во Русија, а потоа и мобилни дрвени кабини. Дроновите таму биле скриени под подвижните покриви на тие кабини, кои беа поставени на товарни камиони. Во точен момент, покривите се отворија и дроновите беа лансирани“, кажа извор од СБУ за Би-Би-Си.

    Руското министерство за одбрана потврди дека биле нападнати воздушни бази во пет региони, при што биле одбиени нападите во три региони, а во останатите два биле запалени неколку авиони.

    Сите пожари се изгаснати и нема жртви. Приведени се неколку лица кои учествувале во овие терористички напади“, кажаа руските власти.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира