Русија напаѓа само воени цели, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, откако во вчерашното ракетирање на центарот на Краматорск во источна Украина загинаа најмалку десет луѓе, а над 60 се повредени. Украинските власти објавија дека меѓу жртвите се и три деца, вклучувајќи ги 14-годишните близначки Ана и Јулија Аксенченко.
„Русија изведува напади само на цели кои се поврзани со украинската војска“, кажа Песков.
Русија и денеска ја ракетираше Украина, при што во село близу Харкив загинаа тројца цивили.
Повеќе од една година откако во нападот на железничката станица во Краматорск беа убиени 63 цивили, руски ракети синоќа погодија популарна пицерија и трговска област во центарот на овој град. Итните служби кажаа дека под урнатините би можеле да бидат уште три лица.
Краматорск, еден од најголемите градови на истокот кој и натаму е под контрола на Украина, е оддалечен само 40-ина километри од фронтот.