Четиринаесет лица се убиени откако вооружени напаѓачи упаднале во ноќен клуб во бразилскиот град Форталеза.
Петнаесетмина напаѓачи дошле со три автомобили и веднаш отвориле рафален оган на забавата, на којашто имало и малолетници. Во болница се примени уште шест повредени.
Полицијата верува дека пукањето е поврзано со ривалството помеѓу локални банди, но меѓу загинатите повеќето се случајни жртви, кои немаат врска со организиран криминал, вклучувајќи и две деца.
Секретарот за безбедност на државата Сеара, Андре Коста, го потврди бројот на жртвите во клубот.
„Нема простор за паника и страв. Ова е еден од оние единечни инциденти што се случуваат низ целиот свет, понекогаш и со 50-60 мртви“, кажа Коста.
Минатата година, во Сеара имало 5.114 убиства, што е за 50% повеќе од 2016 година. Во 2015 година, во пукањето во еден ноќен клуб биле убиени 11 лица, што до тогаш бил најсмртоносниот напад.