Петнаесетгодишно девојче почина во северозападен Иран откако било претепано од безбедносните сили во нејзиното училиште. Асра Панахи била меѓу неколкуте повредени ученички во инцидентот во Ардабил, објави Советот на учителските синдикати.
Децата биле нападнати од безбедносните сили откако одбиле да пеат песна која го величи врховниот водач на Иран. Официјални лица и државната телевизија кажаа дека Панахи имала срцеви проблеми.
Голем број тинејџерки загинаа во изминатите недели во антивладините протести, предизвикани од смртта на 22-годишната Махса Амини, која почина откако беше уапсена од полицијата за морал поради наводното прекршување на правилата за носење шамија. Пред две недели, протести почнаа и во училиштата.
Панахи и други ученички биле претепани на провладин настан во нивното училиште, на кој биле натерани да учествуваат. Тие одбиле да пеат песна која го величи врховниот водач, а откако се вратиле во училниците, во школото упаднале безбедносните сили, при што биле повредени седум ученички, а десет биле уапсени. Меѓу повредените била и Панахи, која подоцна починала во болница.
Нејзиниот вујко изјави за државната телевизија дека Асра имала срцеви проблеми и дека починала од срцев удар, што наликува на изјавите на роднини на уште две девојки кои загинаа на протестите.