Осумнаесет луѓе загинаа, меѓу кои и украинскиот министер за внатрешни работи Денис Монастирски, откако хеликоптер се урна близу градинка во источно предградие на Киев. Меѓу загинатите се и три деца, а уште 15 се префрлени во болница.
Покрај Монастирски, во несреќата во Бровари загинале и заменик-министерот Јевхен Јенин и државниот секретар Јури Лубкович, кажаа официјални лица.
Шефот на националната полиција Игор Клименко изјави дека хеликоптерот ѝ припаѓал на украинската служба за итни ситуации. По падот на хеликоптерот, избувнал пожар близу градинката, од која биле евакуирани децата и вработените.
Локалните медиуми јавуваат дека било мрачно и магливо кога хеликоптерот прво удрил во градинката пред да падне покрај станбена зграда.