Трисет луѓе се исчезнати откако снежна лавина затрупа мал планински хотел во централна Италија по серијата земјотреси, соопштија властите. Лавината покри хотел на три ката во Абруцо, регионот погоден од земјотреси.
Спасувачките служби велат дека работат да донесат механизација до хотелот „Ригопјано“ во градот Фариндола по патиштата покриени со снег за да им помогнат на алпинистичките спасувачки тимови, кои први пристигнаа уште ноќеска.
Италијанската агенција „Анса“ го цитираше шефот на планинскиот спасувачки тим, кој кажа „има многу мртви“.
Првите спасувачки тимови стигнаа до хотелот во 4 часот утрово.
„Околу 30 луѓе се исчезнати, меѓу нив и гости и вработени во хотелот ‘Ригопјано’ во Фариндола. Ги спуштаме нашите спасувачки тимови со хеликоптери и тие почнуваат со откопувањето“, кажа Фабрицио Курчо, шефот на одделот за цивилна заштита.