Шведските судски власти повторно ќе отворат истрага за неплатена сметка од над 82.000 круни (7.600 евра) во еден ресторан откако полицијата го отфрли случајот. Група од 35 луѓе јадела и пиела во ресторан во Малме за Божиќ, а потоа заминале без да платат.
Полицијата ја затвори истрагата во понеделникот, но обвинителите наредија повторно да се отвори поради големиот интерес на јавноста.
Вечерта на 25 декември, групата нарачала храна во вредност од 2.500 евра и пиење за 5.100 евра и весникот „Сидсвенскан“ објави копија од сметката. Тие потоа си заминале со неколку такси возила.
Откако била известена за измамата, полицијата запрела неколку возила во разни делови од градот, при што во едно биле две деца.
Полицијата ја затвори истрагата откако кажа дека ресторанот испратил фактура до лицето кое ја направило резервацијата, што вклучувало камата за задоцнето плаќање од 10%, додавајќи дека работата ја презема компанија за наплата на долгови.