Воената хунта која владее со Мјанмар од пучот во 2021 прогласи вонредна состојба во шест региони на земјата, вклучувајќи ги главниот град Нејпидо и Мандалеј, град со 1,2 милиони жители оддалечен 20-ина километри од епицентарот на моќниот земјотрес, кој денеска ја затресе Југоисточна Азија. Земјотресот силно се почувствувал и во Тајланд, чиј главен град Бангкок прогласи подрачје на катастрофа.
Засега нема многу информации за штети и жртви во Мјанмар, каде што воената хунта ги контролира речиси сите радио, телевизиски, печатени и онлајн медиуми, а употребата на интернет е ограничена. Земјата е среде граѓанска војна и до некои области тешко може да се пристапи.
Очевидци изјавија дека најмалку тројца луѓе загинале во делумно урната џамија во Мјанмар, а исто толку жртви се потврдени во Тајланд. Сепак, тајландскиот министер за одбрана сега кажа дека повеќе од 90 луѓе се водат како исчезнати откако се урна 30-катна зграда во изградба во Бангкок.
„Во прв момент бевме загрижени дека ќе има големи уништувања во Бангкок, но сега добиваме извештаи дека штетата е ограничена. Зградата каде што се случи голема несреќа беше во изградба и недовршена. Верувам дека ситуацијата не е така сериозна како што првично се мислеше. Градежните стандарди во Бангкок се добри, па нема простор за паника“, изјави гувернерот на Бангкок, Чадчарт Ситипунт.
Геолошкиот институт на САД објави дека првиот земјотрес во Мјанмар имал јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала и се случил на длабочина од десет километри. Дванаесет минути подоцна уследил уште еден од 6,4 степени.