Петочните молитви од денеска повторно ќе се одржуваат во Аја Софија, за првпат откако на светски познатиот музеј му беше вратен статус на џамија.
„Муслиманите се возбудени, сите сакаат да бидат на отворањето“, изјави гувернерот на Истанбул, Али Јерликаја.
Аја Софија, која е културно обележје и за христијаните и за муслиманите, беше претворена во музеј во 1934 година со декрет на Мустафа Кемал Ататурк и во меѓувреме стана најпосетуваната туристичка атракција во Турција. Во почетокот на месецот, турски суд ѝ го поништи статусот на музеј, велејќи дека „нејзиното користење за што било друго освен како џамија е незаконско“.
Јерликаја ги повика оние кои ќе присуствуваат на петочните молитви „да донесат заштитна маска, килим за молење, трпение и разбирање“, бидејќи на сила се мерките против ширењето на коронавирусот.
Министерот за верски прашања Али Ербас кажа дека во еден момент во објектот ќе може да има околу 1.000 верници. Христијанските реликвии ќе бидат прекриени за време на молитвите.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган претходно кажа дека Аја Софија и натаму ќе биде отворена за туристи.