Володимир Зеленски изјави дека Украина ќе биде во големи проблеми, а Владимир Путин ќе биде охрабрен да ја продолжи војната ако Европската Унија не одобри репарациски заем заснован врз замрзнатите руски средства. Европските лидери денеска и утре одлучуваат како да ја финансираат Украина во следните две години, зашто таа се соочува со опасност да остане без пари уште во второто тримесечје од 2026 и со тоа да ја изгуби војната.
„Без овој заем, ќе има големи проблеми за Украина. Денес не зборуваме за репарации само во смисла на обнова на Украина. Нам ни требаат пари за нашата војска и за нашето воено производство. Но, ако се постигне договор за крај на војната, тогаш овие пари ќе бидат искористени исклучиво за обнова“, вели Зеленски.
Тој ги повика европските лидери да ја обезбедат поддршката за Украина и да ѝ покажат на Русија дека продолжувањето на војната е бесмислено.
„Исходот на овие разговори, исходот за Европа, мора да биде таков што Русија ќе почувствува дека нејзината желба да продолжи со борбите следната година е бесмислена, бидејќи Украина ќе има поддршка. Ако Украина не добие заем од ЕУ, Путин ќе добие желба да ја освои целата земја. Ќе бидеме послаби и поранливи ако немаме доволно пари за живот и оружје. Апсолутно е јасно дека Путин во таква ситуација нема да сака никаква дипломатија, никаков дијалог. Што ќе прават тогаш Европа, САД и сите други?“, кажа Зеленски.
Членките на ЕУ ќе разгледуваат две опции на самитот во Брисел, при што се преферира користењето на замрзнатите руски милијарди како заем за Украина. Најголемиот дел од овие пари се чува во белгискиот депозитар „Евроклир“, па Белгија најгласно се противи на оваа идеја зашто стравува од тужби од Русија, кои веќе се најавени. Другата идеја, поддржана од Белгија, е ЕУ да позајмува пари на меѓународните пазари, што Унгарија веќе го отфрли.
„На Белгија не ѝ се допаѓа идејата за заем за репарации, но ако ризиците се споделат и Белгија е заштитена, тогаш ќе скокнеме од таа карпа заедно со сите Европејци и ќе се надеваме дека падобранот ќе издржи. Ќе го направиме тоа, бидејќи без решение, без финансирање за Украина, земјата ќе колабира, што ќе биде геополитички неуспех на Европа што ќе го чувствуваме со децении“, изјави белгискиот премиер Барт де Вевер.



