Организаторите на изборот за песна на Евровизија ги ажурираа правилата, со одлука дека ако победи земја вклучена во вооружен конфликт, таа ќе нема право да биде домаќин на Евросонг следната година. Измената беше одобрена од раководното тело на Евровизија, по повратните информации од учесничките радиодифузери на Евросонг 2026 во Виена.
Во новото правило се наведува дека победничките земји исто така ќе бидат исклучени од можноста да бидат домаќини ако „чувствителна геополитичка ситуација“ влијае врз „безбедноста, сигурноста или стабилноста на нивната држава или на непосредниот регион“.
Измената се толкува како реакција на продолженото учество на Израел на Евросонг, во услови на критики за неговите воени дејствија во Газа и на Блискиот Исток. Минатиот ноември, по неуспешниот обид Израел да биде суспендирана, пет радиодифузери најавија дека ќе го бојкотираат Евросонг, меѓу нив и Шпанија и Ирска. И покрај протестите, израелскиот претставник Ноам Бетан на крајот го освои второто место со песната „Мишел“.
Тоа беше втора година по ред Израел да го освои второто место, а некои од учесничките радиодифузни куќи приватно изразиле загриженост за безбедноста ако Евросонг во иднина се одржи во Ерусалим или Тел Авив, ако победи Израел.
Иако Израел несомнено ќе се смета за главната цел на измената на правилата, таа ќе се однесува и на Украина, која е во долготрајна војна откако беше нападната од Русија во 2022 .
Новите правила велат дека „кога ќе се оцени дека е неопходно“, Европската радиодифузна унија (ЕБУ), која ја организира Евровизија, „може да нарача независна безбедносна проценка на регионот на победничката земја“.
„По спроведувањето на проценката, ЕБУ ќе се консултира со Референтната група за да утврди дали победничката земја-членка е во можност безбедно да биде домаќин на натпреварот“.
Ако се процени дека победничката земја не е во можност да биде домаќин, ЕБУ ќе избере алтернативен радиодифузер кој ќе го организира натпреварот.
Во 2027 Евровизија ќе се одржи во Бугарија, откако годинава победи песната „Бангаранга“ на 27-годишната Дара.



