Криминалните банди низ Европа сè повеќе крадат вреден накит и злато од музеи и иако властите често ги фаќаат крадците, тие се мачат да ги вратат непроценливите добра, велат експертите за уметност. Само мала група криминалци би била способна да изведе дрзок грабеж како оној во Лувр во неделата и тие можеби веќе ѝ се познати на полицијата, велат специјалистите. Но, самите предмети би можеле брзо да се растурат на делови и да се продадат.
„Ако украдам слика од Ван Гог, тоа е Ван Гог. Не можам да се ослободам од неа преку друг канал освен преку нелегален пазар на уметнички дела. Но, кога крадам накит, можам да го преместам преку нелегален пазар како скапоцени камења“, рече Марк Балселс, шпански експерт за злосторства против културно наследство.
Дрската кражба на царски накит во Лувр, најпосетуваниот музеј во светот, од некои е оценета како национално понижување и предизвика безбедносни проверки низ бројни културни установи во Франција.
„Ако го таргетирате најважниот музеј во светот и потоа избегате со француски царски скапоцености, нешто не било во ред со безбедноста“, рече истражувач на уметнички дела Артур Бренд.
Според медиумските извештаи, најмалку четири француски музеи беа ограбени во последните два месеца, вклучувајќи го златото од Природонаучниот музеј во Париз.
Грабежот во Лувр го истражува специјализирана париска полициска единица, која има висока стапка на успех во откривањето на високопрофилни грабежи како овој.
„Оваа единица има околу 100 агенти, од кои десетина се специјализирани за кражби во музеи. Истражителите ќе разгледаат видеоснимки, телефонски записи и форензички докази, а ќе бидат активирани и информатори. Тие можат да имаат тимови кои работат на тоа 24/7. Сигурен сум дека крадците ќе бидат фатени“, рече бившиот член на единицата Паскал Шкудлара.
Тој додава дека скапоцените камења би можеле да завршат во глобален центар за дијаманти како Антверпен, каде што „веројатно има луѓе кои не се премногу загрижени за потеклото на предметите“.
„Откако ќе бидат исечени на помали скапоцени камења, готово е. Никогаш повеќе нема да ги видиме овие парчиња недопрени. Многу е мал процентот на враќање на украдени уметнички дела. Кога станува збор за накит, тој процент е уште помал“, кажа Бренд, додавајќи дека теоријата оти грабежот бил нарачан од мистериозен купувач е смешна.
„Тоа го има само во холивудските филмови“, рече тој.
Грабежот се случи во неделата во 9:30 часот, половина час по отворањето на музејот, кога внатре веќе имало посетители. Се верува дека крадците упаднале преку фасадата до брегот на реката, каде што е во тек реновирање, користеле товарен лифт за да стигнат до салата „Аполо“, зеле девет парчиња од колекцијата од 23 предмети поврзана со Наполеон и царицата Ежени и избегале со мотоцикли. Целиот грабеж траел само четири минути.