Американските истражители интензивно работат на откривање на причините за смртта на холивудската легенда, оскаровецот Џин Хекман и неговата сопруга, пијанистката Бетси Аракава, откако нивните тела беа пронајдени во нивниот дом во Санта Фе, Њу Мексико.
Според властите, достапните докази укажуваат на тоа дека Хекман починал на 17 февруари, дури 10 дена пред нивните тела да бидат пронајдени од страна на полицијата во средата.
Шерифот Адан Мендоза изјави дека телата на Хекман (95) и Аракава (65) биле пронајдени од страна на полицијата откако работник за одржување повикал итна помош, загрижен за нивната состојба.
Телото на Аракава покажувало знаци на „распаѓање” и „мумификација” на рацете и нозете, додека телото на Хекман покажувало „очигледни знаци на смрт, слични и конзистентни” со тие на неговата сопруга. Во близина на Аракава бил пронајден и мртов германски овчар, додека две други здрави кучиња биле пронајдени како шетаат низ имотот.
Иако во првите изјави не беше наведена причината за смртта, властите не пронашле знаци на насилство, но сепак ја третираат ситуацијата како „доволно сомнителна” за да започнат детална истрага. Тестовите за труење со јаглерод моноксид биле негативни за двајцата. Во близина на телото на Аракава бил пронајден пренослив грејач, а на масата во бањата биле расфрлани лекови, претежно за тироидната жлезда и висок крвен притисок. До телото на Хекман биле пронајдени очила за сонце и бастун.
Се претпоставува дека актерот можеби претрпел ненадеен пад.
Истрагата е проширена бидејќи работникот кој повикал итна помош ја пронашол влезната врата отворена, иако немало знаци на насилен влез. Што е уште поважно, пејсмејкерот на Хекман последен пат регистрирал активност на 17 февруари, што укажува на тоа дека тоа бил неговиот последен ден од животот. Сепак, сè уште е нејасно кој прв починал.
Ќерката на Хекман, Лесли Ен Хекман, изјави дека нејзиниот татко бил во „многу добра физичка кондиција” и редовно вежбал пилатес и јога. Таа ја пофали и Аракава за грижата за здравјето на нејзиниот татко.
Полицијата побарала обдукција и токсиколошки тестови, чии резултати се очекуваат за неколку месеци. Истрагата е во тек и се очекуваат понатамошни детали.