АКТИВИСТИТЕ ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА ЗАГРИЖЕНИ ОТКАКО СРБИЈА И ЕУ ПОТПИШАА ДОГОВОР ЗА РУДНИК ЗА ЛИТИУМ

    АКТИВИСТИТЕ ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА ЗАГРИЖЕНИ ОТКАКО СРБИЈА И ЕУ ПОТПИШАА ДОГОВОР ЗА РУДНИК ЗА ЛИТИУМНа потпишувањето на договорот за рудникот во Белград допатува германскиот канцелар Олаф Шолц и покрај опозицијата од активистите за животна средина. (Фото: ДПА)

    Европската унија и Србија во петокот потпишаа договор за соработка за отворање на критичен рудник за литиум, а на потпишувањето во Белград допатува германскиот канцелар Олаф Шолц и покрај опозицијата од активистите за животна средина.

    Шолц, српскиот претседател Александар Вучиќ и потпретседателот на Европската комисија Марош Шефчович потпишаа стратешко партнерство вредно неколку милијарди евра за екстракција на литиум во северозападна Србија. 

    Литиумот, кој е клучен за производство на батерии, во изминатите децении стана еден од најбараните природни ресурси, а долината Јадар во Србија ги има најголемите резерви во Европа.

    Екологистите се загрижени дека рудникот ќе ги загади виталните извори на вода и ќе им наштети на локалните заедници, но Шолц вели дека проектот ќе биде по највисоки стандарди за заштита на животната средина.

    Германскиот канцелар гледа на договорот со Србија како шанса за намалување на зависноста на Европа од Кина за критичните сировини. 

    Според Вучиќ, договорот може да вреди до 6 милијарди евра. 

    Австралискиот рударски гигант Рио Тинто очекува да произведува 58.000 тони литиум годишно во регионот. Тоа би било доволно за 1,1 милиони електрични возила, според извештаите во српските медиуми.

    Автомобилските производители како Мерцедес и Стелантис веќе преговараат за удел во проектот со Рио Тинто.

    Договорот со ЕУ може да претставува удар за Кина, која наводно е заинтересирани за литиумот во Србија. Претседателот Си Џинпинг го посети Белград во мај.

    Сепак, проектот предизвикува големи контроверзи во Србија. Опозицискиот политичар Александар Јовановиќ Ќута, кој предводеше неколку протести за заштита на животната средина во Србија, го нарече договорот „смртна казна“ за регионот.

    Активистите планираа протест во Белград пред претседателската палата за време на потпишување на договорот, но областа беше оградена.

    Од кабинетот на германскиот канцелар велат дека учеството на германски компании е најдобар начин да се осигура дека рудникот ќе биде во согласност со правилата за заштита на животната средина.

    Рудникот се соочи и со правни проблеми, но српскиот Уставен суд неодамна ја поништи забраната за развој на проектот. Критичарите се сомневаат во неутралноста на судот, тврдејќи дека е под влијание на владата на Вучиќ. 

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира