Италија ќе гради два центра во Албанија за сместување мигранти кои доаѓаат преку морето, објави премиерката Џорџа Мелони, додека нејзината земја се соочува зголемен наплив на мигранти. Таа кажа дека албанските центри во прв момент ќе можат да примат околу 3.000 мигранти кога ќе бидат отворени следната пролет, но италијанската влада се надева дека нивниот капацитет ќе биде зголемен за да можат да прифатат 36.000 мигранти годишно.
Повеќе од 145.000 мигранти стигнале до Италија оваа година, додека нивниот број во истиот период лани бил 88.000.
„Центрите ќе бидат во италијанска надлежност, а Албанија ќе соработува во надворешниот надзор на структурите. Ова е вистински европски договор. Албанија се потврдува како пријателска нација и иако сѐ уште не е дел од Унијата, се однесува како да е членка. Ова е една од причините зошто сум горда што Италија отсекогаш била една од земјите кои го поддржувале проширувањето на ЕУ со Западен Балкан. ЕУ не е клуб и затоа не зборувам за влегување, туку за повторно обединување со Западен Балкан, кои се земји на ЕУ во секој поглед. Од оваа причина секогаш силно го поддржувавме обединувањето“, рече Мелони.
Партијата на Мелони долго време се залагаше за отворање вакви центри надвор од ЕУ, при што прво беше предложена северна Африка, но ниедна тамошна земја не прифати.