АМЕРИКАНЕЦ КОЈ ЈА ЛАЖИРАЛ СВОЈАТА СМРТ ЗА ДА ИЗБЕГА ОД СЕМЕЈСТВОТО Ѝ СЕ ЈАВИЛ НА ПОЛИЦИЈАТА ОД ИСТОЧНА ЕВРОПА

    АМЕРИКАНЕЦ КОЈ ЈА ЛАЖИРАЛ СВОЈАТА СМРТ ЗА ДА ИЗБЕГА ОД СЕМЕЈСТВОТО Ѝ СЕ ЈАВИЛ НА ПОЛИЦИЈАТА ОД ИСТОЧНА ЕВРОПАРајан Боргварт исчезнал на 12 август додека бил сам на риболов (Фото: АП)

    Американец кој ја лажирал сопствената смрт и избегал од семејството испратил видео до истражителите во сојузната држава Висконсин за да докаже дека е жив.

    Четириесет и петгодишниот Рајан Боргварт исчезнал на 12 август додека бил сам на риболов. Полицијата првично мислела дека се удавил и го пребарувала езерото 54 дена, пред да пронајде дигитални докази кои сугерирале дека тој, всушност, избегал во источна Европа. Властите кажаа дека Боргварт им должи 40.000 долари за трошоците за потрагата и би можеле да го обвинат за попречување на истрагата за неговото исчезнување.

    Шерифот на округот Грин Лејк, Марк Подол, изјави дека редовно контактираат со Боргварт од почетокот на овој месец, откако стапиле во контакт со жена која збори руски. Тој не кажа во каква врска е таа со Боргварт.

    „Добрата вест е дека тој е жив и здрав. Лошата вест е што не знаеме точно каде е Рајан. Тој решил да не се враќа дома и во меѓувреме немал никаков контакт со своето семејство“, изјави Подол.

    Во видеото од 24 секунди, Боргварт вели дека е снимено на 11 ноември и дека е добро. Тој на полицијата ѝ рекол дека го потопил својот кајак и го фрлил мобилниот телефон во езерото, а откако дошол до брегот, возел електричен велосипед до градот Медисон, потоа стигнал со автобус до Детроит и таму се качил на авион за Канада. Се верува дека сето ова сам го извел.

    Боргварт зад себе ги оставил сопругата и трите деца, а пред да избега, префрлил 375.000 долари од полисата за животно осигурување на странска банкарска сметка. Тој преку интернет бил во контакт со жена од Узбекистан.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира