Американските разузнавачки служби предупредија дека Русија се обидува да му помогне на Доналд Трамп да добие нов претседателски мандат. Ова било кажано на состанок зад затворени врати што се одржал минатата недела, објавија „Њујорк тајмс“ и „Вашингтон пост“.
Официјални лица велат дека Трамп бил многу лут, сметајќи дека демократите би можеле да ја искористат оваа информација против него.
Само ден по состанокот на 13 февруари, Трамп жестоко го критикуваше шефот на националните разузнавачки агенции Џозеф Мегваер и потоа го замени со Ричард Гренел, досегашниот амбасадор во Германија.
Според разузнавачките извори, Русија се мешала во изборите во 2016 година преку кампањи на социјални мрежи и кражба и дистрибуирање на електронската пошта на демократи. Тие сметаат дека Русија се обидела да му даде поттик на Трамп и да внесе хаос во американскиот политички процес. Специјалниот обвинител Роберт Милер заклучи дека руското мешање било систематско, но не пронајде докази за криминален заговор помеѓу Русија и кампањата на Трамп.
Последниот состанок се фокусирал токму на руските напори да влијаат врз годинашните избори и да внесат раздор помеѓу американските гласачи.