Бродската компанија „Меркс“ потврди дека еден нејзин брод што плови под американско знаме успешно го поминал Ормускиот Теснец откако Доналд Трамп ја лансираше операцијата „Проект слобода“. Вчерашните настани во Теснецот го разнишаа кревкото примирје, при што иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи го опиша „Проектот слобода“ како „Проект ќор-сокак“.
„Настаните во Теснецот покажаа дека не постои воено решение за политичка криза“, рече тој.
Трамп вчера објави дека САД ќе почнат да им помагаат на заглавените комерцијални бродови и нафтени танкери да поминат низ Ормускиот Теснец, по што, според американската војска, два нејзини разурнувачи со наведувани проектили влегле во Персискиот Залив и два американски трговски брода го поминале блокираниот премин.
„Меркс“ кажа дека транзитот на еден од неговите комерцијални бродови поминал без инцидент, во што асистирале САД.
Ормускиот Теснец е затворен за најголемиот број бродови од почетокот на американско-израелските напади врз Иран на 28 февруари. Поради тоа, стотици бродови остануваат блокирани во Персискиот Залив, додека на нивните екипажи со околу 20.000 морнари им снемуваат залихи на вода и храна.
Трамп синоќа кажа дека САД погодиле седум ирански „брзи бротчиња“ во Ормускиот Теснец, додека Јужна Кореја и ОАЕ пријавија напади врз нивни комерцијални бродови. ОАЕ го обвинија Иран и за нападот врз нафтениот терминал во градот Фуџаира, каде што избувна пожар.
Американската војска кажа дека користела хеликоптери за да ги нападне иранските глисери. Според иранските медиуми, биле погодени два помали товарни брода, при што загинале петмина цивили.
По вчерашните настани во Заливот, цената на суровата нафта брент порасна на 115 долари за барел.



