АМЕРИКАНСКИОТ АМБАСАДОР ВО ФРАНЦИЈА ДОБИ ЗАБРАНА ЗА СРЕДБИ СО ФРАНЦУСКИТЕ МИНИСТРИ

    АМЕРИКАНСКИОТ АМБАСАДОР ВО ФРАНЦИЈА ДОБИ ЗАБРАНА ЗА СРЕДБИ СО ФРАНЦУСКИТЕ МИНИСТРИЧарлс Кушнер беше повикан од министерот за надворешни работи Баро, но не се појави на средбата (Фото: ЕПА)

    Американскиот амбасадор во Франција, Чарлс Кушнер, доби забрана за средби со членовите на француската влада откако не ги објасни своите коментари за наводен пораст на насилството во земјата.

    Кушнер, кој е татко на зетот на Доналд Трамп, беше повикан од министерот за надворешни работи Жан-Ноел Баро, но не се појави на средбата вчеравечер. Место тоа, тој кажа дека имал претходно договорен состанок и испрати свој заменик од амбасадата.

    Министерството за надворешни работи го обвини Кушнер за „очигледен неуспех да ги разбере основните барања на амбасадорската мисија“ и додаде дека Баро побарал на Кушнер веќе да не му биде дозволен директен пристап до владините министри.

    Дипломатскиот спор започна кога амбасадата на САД во Франција објави коментари на социјалните мрежи за убиството на крајнодесничарскиот активист Квентин Деранк во Лион. Во објавата беше предупредено дека „насилниот левичарски екстремизам е во пораст во Франција“.

    Деранк, 23-годишен студент по математика, почина во болница на 14 февруари, два дена откако беше претепан од маскирани млади мажи во Лион. За нападот се обвинети шестмина крајнолевичарски милитанти.

    „Отфрламе каква било употреба на оваа трагедија за политички цели. Немаме лекции за учење, особено за насилството, од меѓународното реакционерно движење“, кажа Баро викендов.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира