Американскиот Сенат усвои договор кој отвора пат за завршување на најдолгата блокада на владата во историјата на САД откако тој беше поддржан и од неколкумина опозициски сенатори. По преговорите кои се одржуваа викендов, седуммина демократски сенатори и еден независен им се придружија на републиканците и го изгласаа договорот.
Гласањето е процедурален прв чекор кон постигнување компромис за финансирање на владата, која остана без пари на 1 октомври. Ќе треба да се надминат уште неколку пречки, како гласање во Претставничкиот дом, пред да заврши блокадата, но ова е најголемиот напредок по 40 дена застој. Многу владини служби се суспендирани од октомври, а 1,4 милиони федерални работници се на неплатено отсуство или работат без плата.
Блокадата погоди најразлични сектори, како авиосообраќај и прехранбени бенефиции за 41 милион Американци со ниски приходи.
Републиканците имаат мнозинство од 53-47 во Сенатот, но за изгласување на договорот им требаа најмалку 60 гласа. Тие привлекоа осум гласа од другата страна, додека еден републиканец гласаше против, Ренд Пол од Кентаки, кој изрази загриженост дека законот за финансирање на владата ќе го зголеми националниот долг.
Според постигнатиот договор, во декември ќе се гласа за продолжување на субвенциите за здравствена заштита, кои треба да истечат оваа година, што беше клучно барање на демократите.



