Само третпат во американската историја, Сенатот се подготвува да се претвори во судница за отповикување на претседателот, откако Доналд Трамп беше обвинет за злоупотреба на службената положба и за попречување на истрага на Конгресот.
Обвинителите од Претставничкиот дом, познати како „менаџери“, денеска во Сенатот и службено ќе ги изложат точките од импичментот на Трамп, што беше изгласан минатиот месец во делот на Конгресот каде што демократите имаат мнозинство.
„Денеска ќе испишеме историја. Претседателот ќе биде прогласен за неодговорен“, изјави спикерката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси.
Судењето ќе го води судијата на Врховниот суд Џон Робертс, а 100-те сенатори ќе бидат во улога на поротници. За да биде Трамп отстранет од Белата куќа, што би бил прв таков случај во историјата, потребно е двотретинско мнозинство и се верува дека ова тешко ќе се постигне, имајќи предвид дека републиканците му се лојални.
Судењето се случува на неполна година пред претседателските избори, на кои што Трамп оди по втор мандат, а тројца сенатори моментално се борат за номинација на Демократската партија.
„Претседателот Трамп не сторил ништо погрешно и очекуваме да биде ослободен“, соопшти Белата куќа.