Американски трговски суд ги блокираше новите царини на Доналд Трамп, заклучувајќи дека тој ги пречекорил своите претседателски овластувања. Судот за меѓународна трговија во Менхетн кажа дека американскиот устав му дава ексклузивно овластување на Конгресот да ја регулира трговијата со другите земји, што не се поништува од итните овластувања на претседателот за заштита на американската економија.
„Судот не одлучува за мудроста или веројатната ефективност на употребата на царините од страна на претседателот. Таа употреба е недозволива не затоа што тоа е немудро или неефикасно, туку затоа што федералниот закон не го дозволува тоа“, рече комисијата од тројца судии во одлуката за издавање трајна забрана за сеопфатните царини воведени од Трамп од јануари.
Судиите, исто така, ѝ наредија на администрацијата на Трамп да издаде нови наредби во рок од 10 дена. Владата неколку минути подоцна поднесе жалба и го доведе во прашање авторитетот на судот.
„Неизбраните судии не се тие кои треба да одлучуваат како правилно да се справуваме со национална вонредна состојба“, соопшти Белата куќа.
Судот со непосреден ефект ги поништи сите наредби на Трамп за царините од јануари кои беа вклучени во Меѓународниот акт за економски овластувања за вонредни состојби, закон наменет за справување со „невообичаени и вонредни“ закани за време на национална вонредна состојба.
Судот исто така ги блокираше царините кои специфично се однесуваа на Кина, Мексико и Канада и беа наметнати како одговор на напливот на мигранти и дрога во САД. Царините за челик и алуминиум не се опфатени со судската одлука зашто тие потпаѓаат под друг закон.
Откако се врати во Белата куќа, Трамп почна да им наметнува повисоки царини на другите држави, почнувајќи трговска војна, што предивика потрес на светските берзи. Тој во меѓувреме ги паузираше царините, оставајќи им време на државите да преговараат со САД.