Американските нафтени гиганти остануваат тивки по тврдењето на Доналд Трамп дека тие ќе вложат милијарди и милијарди долари во обновата на венецуелската нафтена индустрија по заробувањето на претседателот Николас Мадуро.
„Шеврон“, единствената американска нафтена компанија која и натаму работи во Венецуела, кусо соопшти дека е посветена на почитувањето на релевантните закони и прописи.
Трамп кажа дека огромните резерви на нафта на Венецуела ќе бидат модернизирани и експлоатирани, при што американските енергетски компании „ќе инвестираат во обновата на пропаднатата инфраструктура, ќе го засилат прозиводството и ќе продадат огромни количини нафта на други држави“.
„Ние сме во бизнисот со нафта. Ќе ги натераме нашите многу големи нафтени компании, кои се најголеми во светот, да влезат, да потрошат милијарди долари и да почнат да заработуваат пари за земјата. Фирмите ќе бидат надоместени“, кажа тој, без да даде повеќе детали.
„ЕксонМобил“, најголемата нафтена компанија во САД, досега не се огласи со коментар, додека „КонокоФилипс“ соопшти дека ја следи ситуацијата, но дека е прерано да се шпекулира за какви било идни деловни активности или инвестиции.
Венецуела пред 50-ина години презеде чекори за национализација на својата нафтена индустрија, а во 2007 ја презеде контролата врз операциите што сè уште се водат според приватни договори. Додека „Шеврон“ се согласи да остане, други, вклучувајќи ги „ЕксонМобил“ и „КонокоФилипс“, одбија да прифатат нови услови.
Се проценува дека Венецуела располага со нафтени резерви од повеќе од 300 милијарди барели, што е најмногу во светот. Тоа е првенствено екстратешка сурова нафта, која е скапа и тешка за екстракција, но Венецуела останува петти најголем извозник во светот. Минатиот месец, Венецуела испорачувала речиси еден милион барели дневно, главно во Кина, јужна Европа и САД.
Производството беше попречувано од политички немири во последните години, а државната компанија за нафта и природен гас „Петролеос де Венецуела“ беше погодена од штрајкови и обвинувања за лоши безбедносни стандарди.
Властите кажаа дека нафтените полиња во Венецуела не претрпеле штета во вчерашните американски напади.



