АМЕРИКАНСКИТЕ НАПАДИ НЕ ЈА УНИШТИЛЕ ИРАНСКАТА НУКЛЕАРНА ПРОГРАМА, ВЕЛИ ПРОТЕЧЕН РАЗУЗНАВАЧКИ ИЗВЕШТАЈ НА ПЕНТАГОН

    АМЕРИКАНСКИТЕ НАПАДИ НЕ ЈА УНИШТИЛЕ ИРАНСКАТА НУКЛЕАРНА ПРОГРАМА, ВЕЛИ ПРОТЕЧЕН РАЗУЗНАВАЧКИ ИЗВЕШТАЈ НА ПЕНТАГОНВо извештајот се вели дека влезовите во две постројки се запечатени и дел од инфраструктурата е уништен или оштетен, но подземните објекти се главно недопрени (Фото: Максар)

    Доналд Трамп и неговите соработници жестоко ги нападнаа американските медиуми кои објавија протечен разузнавачки извештај, кој вели дека американските напади не ја уништиле иранската нуклеарна програма, како што тврди владата. Според првичните проценки на Агенцијата за одбранбено разузнавање на Пентагон, тие само ја уназадиле за неколку месеци.

    Лажни вести Си-Ен-Ен и пропаднатиот ‘Њујорк тајмс‘ се здружија во обид да понижат еден од најуспешните воени напади во историјата. Нуклеарните постројки на Иран се целосно уништени“, напиша Трамп на својата социјална мрежа.

    Неговиот специјален пратеник за Блиски Исток, Стив Виткоф, го опиша протекувањето на извештајот како предавство.

    Ги прочитав сите извештаи за проценка на штетата и сите велат дека трите постројки погодени од САД се уништени“, кажа Виткоф.

    САД во неделата ги бомбардираа постројките Фордо, Натанз и Исфахан со бункерски бомби кои пробиваат 18 метри бетон или 61 метар земја пред да експлодираат. Добро упатени извори велат дека иранските центрифуги се во голема мера недопрени, а ударот бил ограничен на надземните структури.

    Во извештајот се вели дека влезовите во две постројки се запечатени и дел од инфраструктурата е уништен или оштетен, но подземните објекти се главно недопрени. Анонимни извори им рекле на американските медиуми дека нападот само ја уназадил иранската нуклеарна програма најмногу за неколку месеци и дека секое нејзино продолжување ќе зависи од тоа колку долго ќе ѝ треба да земјата да направи поправки.

    Според разузнавачките проценки, иранските залихи на збогатен ураниум претходно биле преселени на други, непознати локации.

    Разузнавачките проценки се целосно погрешни“, кажаа од Белата куќа.

    Израел и Иран вчера објавија дека го прифаќаат примирјето предложено од Доналд Трамп, ставајќи крај на 12-дневната воздушна војна. Бенјамин Нетанјаху притоа кажа дека Израел ги остварил целите на своите напади, отстранувајќи ја двојната непосредна закана од Иран – од нуклеарното оружје и од балистичките ракети. Иран исто така прогласи голема победа во војната.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира