Американската војска, во соработка со партнерските сили, изврши серија масовни воздушни напади врз цели на Исламската држава (ИСИС) во Сирија, соопшти Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ). Нападите се дел од операцијата „Око соколово“, преземена по наредба на претседателот Доналд Трамп како одмазда за нападот на 13 декември, во кој беа убиени американски војници.
Во операцијата учествувале повеќе од 20 авиони, вклучувајќи „F-15E“, „A-10“, „AC-130J“, беспилотни летала „МК-9“, како и јордански ловци „F-16“. Според официјални претставници, истрелани се над 90 прецизни проектили врз повеќе од 35 цели.
„Нашата порака останува силна: ако ги повредите нашите борци, ќе ве најдеме и ќе ве ликвидираме каде било во светот, без оглед колку се трудите да ја избегнете правдата“, соопшти ЦЕНТКОМ преку социјалната мрежа „Икс“.
Операцијата „Око соколово“ беше најавена во декември, откако припадници на ИСИС убија двајца американски војници и еден преведувач во заседа кај Палмира. Секретарот за одбрана Пит Хегсет тогаш изјави дека ова не е почеток на војна, туку „декларација за одмазда“. Пред последната акција, во периодот меѓу 20 и 29 декември, американските сили веќе спроведоа 11 мисии во кои беа убиени или заробени речиси 25 припадници на терористичката група.
Сирија се наоѓа во кревка состојба по падот на режимот на Башар ал-Асад во декември 2024 година, со што заврши 13-годишната граѓанска војна. Со земјата во моментов управува Ахмед ал-Шара, познат како Абу Мохамед ал-Џолани, чии бунтовнички сили го соборија претходниот систем. Иако значително ослабена, ИСИС сè уште е активна во земјата и во текот на 2025 година најчесто извршува напади врз курдските сили во североисточниот дел на Сирија.



