На половина од вториот мандат на Доналд Трамп, неговите републиканци имаат тешка задача да ја задржат контролата во двата дома на Конгресот на денешните меѓуизбори во САД. Се избираат сите 435 пратеници во Претставничкиот дом и 35 од 100-те сенатори.
Како клучни сојузни држави за исходот на изборите се наведуваат Тексас, Канзас, Мејн, Охајо, Ајова, Алјаска и Мичиген, каде што настана политички хаос откако демократката Хејли Стивенс одби да му даде поддршка на својот сопартиец Абдул Ел-Саед, од кого изгуби на внатрепартиските избори, туку го поддржа републиканскиот кандидат Мајк Роџерс.
Трамп, кој никако не успева да ја заврши војната со Иран, не се наоѓа во добра позиција во пресрет на изборите. Според последната анкета на „Ројтерс“ и „Ипсос“, само 32% испитаници ја поддржуваат работата на Трамп, додека републиканците ги поддржуваат 38%.
Гласачите во огромно мнозинство велат дека најмногу се загрижени за трошоците за живот, откако цените на храната и горивата вртоглаво пораснаа, делумно поради агресивните царини на Трамп и непопуларната војна со Иран. Соочувајќи се со низок рејтинг, Трамп водеше интензивна кампања, појавувајќи се како главен говорник на десетици митинзи низ целата земја.
На некои од овие митинзи, Трамп упати апел до гласачите:
„На овие избори, ве молам, замислете дека и јас сум на гласачкото ливче. Само замислете“.
Предводени од Трамп, републиканците ги претставуваа демократските кандидати како радикални, неамерикански, па дури и комунистички.
„Демократската партија номинираше најекстремна и најопасна листа на кандидати во американската историја“, изјави Трамп за време на говор во Вашингтон.
Инфлацијата исто така се зголеми од 3% во времето кога Трамп стапи на должност на 3,7% денес, а економистите проценуваат дека таа ќе била пониска доколку не биле неговите глобални царини. Меѓу републиканците постои загриженост дека оваа економска слика ги направила ранливи во изборни трки што вообичаено се сметаат за сигурни, како во Тексас, Охајо и Канзас.
Доколку демократите преземат контрола врз еден или врз двата дома на Конгресот, тие би можеле да ја попречат законодавната агенда на Трамп, да покренат истраги за неговата администрација и да ги блокираат кандидатите на Трамп за судски функции.
Гласањето почна уште пред неколку недели и се проценува дека над 55 милиони Американци веќе го оствариле своето избирачко право по пошта, вклучувајќи го и Трамп, кој гласаше на 24 октомври во Флорида.
Трамп неодамна изјави дека ќе ги почитува резултатите од изборите, доколку „тие се чесни“.



